Возач почетник – се што треба да знаете

Uncategorized

Самото полагање на возачкиот испит и стекнување со возачка дозвола не значи и уживање на сите права и привилегии како останатите возачи. Односно нашиот закон познава термин “Возач-почетник“ кој дава одредени ограничувања односно услови за управување на моторно возило.

Имено, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата член 2 став 1 точка 104 “Возач-почетник“ е секој возач на возило во период од две години по впишувањето на датумот на издавање на категоријата во возачката дозвола, независно дали дозволата ја добил во Република Македонија или во странство и независно дали поседува возачка дозвола за друга категорија.

Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата во член 277 поблиску го уредува однесувањето на “Возач – почетник“ во сообраќајот и тоа:

“Возач – почетник“ кој поседува возачка дозвола од категориите ,,А1“, „А2“, ,,А“, ,,Б“, ,,Ц1“ и „Ц“ не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, односно со брзина поголема од 100 km/h на автопат, а со велосипед со мотор повеќе од 40 km/h, ниту смее со возилото да влече приклучно возило или да врши организиран превоз на деца, во рок од две години од денот на издавање на возачката дозвола.

“Возач – почетник“ од категориите „АМ“, „А1“, „А2“, „А“ и „Б“ не смее да управува возило во патниот сообраќај во времето од 23,00 часот до 5,00 часот, освен возач – почетник од категоријата Б ако со него во возилото на предното седиште се наоѓа лице – возач, од соодветната категорија кое е постаро од 25 години и за кое не трае прекршочна санкција забрана на управување со моторно возило.

“Возач – почетник“ кој поседува возачка дозвола од „А“ категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 40 киловати, а доколку поседува возачка дозвола од „А2“ категорија, не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 25 киловати.

“Возач – почетник“, кој поседува возачка дозвола од ,,Б” категорија не смее да управува со возило чија сила на моторот е поголема од 77 киловати.

Покрај ограничувањата кои ги предвидел законодавецот, битно е да се напомене дека неисполнувањето на овие услови при управување со моторно возило во случај на причинување на штета, претставува основ за регрес. Односно сумата за надомест на штета што ќе ја исплати друштвото за осигурување има право да ја побарува од Вас како причинител на штета.

Од страна на Врховниот суд на Р. Македонија на 26.02.2016год., донесено е Правно мислење во кое меѓу другото е наведено дека возач почетник не се смета за лице без соодветна возачка дозвола, па друштвото за осигурување што ќе ја надомест штетата предизвикана на тој начин, нема право на регрес за исплатениот износ.

Сепак ова е само мислење кое било донесено во едни околности, од еден состав на судии и прашање на време е кога може да се променат околностите и повторно да се стави на маса истото прашање, за дополнување или измена на мислењето. До тогаш останува судската пракса наспроти толкувањето на друштвата за осигурување.

fb-share-icon