Со самиот факт што во Скопје е сместена Централна власт односно сите управни органи, седишта на поголемите банки, Друштва за осигурување и поголеми компании, сообраќајот во текот на работните денови е во поголем обем.
Во однос на улиците дел се претворени во булевари, дел се направени за сообраќај во една насока а дел се реконструираат.
Она што ги мачи учесниците во сообраќајот е гужвата и колоните на возила кои се протегаат од крстосница до крстосница.
Во брзањето да се стигне до својот дом, работно место или крајна дестинација себичноста на учесниците во сообраќајот пуштена на најако. Па така имате ситуација на крстосница кога се менува светлото на семафорот и се затвара правецот за движење се појавуваат три-четворица “снаодливи“ возачишта кои некако успеваат да го занемарат црвеното светло и да влезат во крстосницата. Но тие истите забораваат дека со оглед на колоните на возила нема да успеат да излезат од крстосницата и сега ете ги седат безгрижно во своите возила во зона на крстосница, зашто другари?
Од другата страна, на зелено светло иако неможе да ја изминат крстосницата навлегува втората група на “снаодливи“ возачишта (која доколку се мери има помала вина) кои иако немаат техничка можност да ја изминат крстосницата пред да се промени зеленото во црвено светло на семафорот сепак подраго би седеле внатре во крстосницата отколку надвор од неа пред семафорот, зашто и за Вас другари?
После неколку “снаодливи“ возачишта со оглед на конструкцијата на сообраќајната инфраструктура во градот се случува ефектот Домино на останатите крстосници и во таков случај сите штотуку си додадоа уште еден час во својот автомобил за до својата дестинација.
Првата група учесници потребно е да прочитаат за член 43 став 1 “На крстосница и на друго место на кое сообраќајот е посебно регулиран со уреди за давање светлосни сообраќајни знаци, светлосните сообраќајни знаци за учесниците во сообраќајот ги имаат следниве значења – црвено светло – забрана на минување “ од Законот за Безбедност на сообраќајот на патиштата.
Казната за ваквата екскурзија изнесува 300 евра.
Втората група на учесници потребно е да прочитаат за член 45 став 1 “Возачот на кого со светлосен сообраќаен знак му е дозволено влегување во крстосница, не смее со возилото да влезе во крстосницата ако густината на сообраќајот е таква што со возилото очигледно мора да се запре во крстосницата и на тој начин при примена на светлосниот знак, да го попречи или оневозможи сообраќајот на возилата кои доаѓаат од страничните коловози.“ Од Законот за Безбедност на сообраќајот на патиштата.
Казната за ваквата екскурзија изнесува 45 евра.
Во случај на сообраќајна незгода, а имајќи во предвид дека секој учесник ќе сака да си го оправда своето однесување, постои голема веројатност дека нема да може да се утврди правата фактичка состојба и нема да може да надоместите штета по основ на автоодговорност.
Имајќи во предвид дека и првите и вторите учесници прават сообраќаен прекршок без разлика на вината, ќе имаат соодветен придонес во случување на незгодата или зголемување на последиците од истата.
Вашите мислења, лично искуство, фотографии или видеа споделете ги со нас на contact@osigurenik.mk, оваа тема ќе има продолжение со Вас.
