Табелата за определување на процент на траен инвалидитет како последица на несреќен случај е составен дел на секои услови за осигурување на лица од последици на несреќен случај (незгода) што ја определуваат нејзината примена и составен дел на секој поединечен договор за осигурување на лица од последица на несреќен случај што договарачот на осигурувањето ќе го склучи со Друштвото за осигурување.
Како траен инвалидитет во смисла на Табелата на инвалидитет се смета трајна, иреверзибилна состојба на нарушување на нормалната функција на дел, односно орган на телото.
Конечниот процент на инвалидитет се оценува по завршеното лекување и рехабилитација, како составен дел на лекувањето.
Процентот на инвалидитет се утврдува од страна на лекар – цензор (вештак), врз основа на медицинската документација, рентгенски снимки и други снимања, фоторафии доколку се работи за изгореници или рани а по потреба и непосреден лекарски преглед, по завршено лекување.
Во табелите на нашите осигурителни компании дел од точките за определување на процент се фиксни, дел се варијабилни односно од – до одреден процент.
Доколку е потребно се закажува лекарски преглед од лекарот цензор на осигурувачот. Лекарот цензор, при ценењето на конечниот процент на инвалидитет, задолжително ги зема во предвид фактите за претходната здравствена состојба на осигуреникот и начинот на настанување на несреќниот случај во контекст на причинско – последични врски со поставената дијагноза и текот на лекување и рехабилитација на осигуреникот.
Индивидуалните способности, социјалната положба или занимање (професионална способност) на осигуреникот не се земаат во предвид при одредување на процент на инвалидитет.
Друштвата за осигурување на пазарот во Македонија имаат различни табели па од тука и за иста сума на осигурување за ист вид на повреда ќе добиете различна сума за исплата во секое од друштвата.
Висината на штетата покрај видот на повредата зависи и од сумата на осигурување. Во зависност од сумата која се одвојува месечно за осигурување (или годишно).
Така на пример доколку одвојувате 100,00ден. месечно за колективно осигурување и имате сума на осигурување од 500.000,00ден. за траен инвалидитет за намалена подвижност на рачниот зглоб во лесен степен, во зависност од Друштвото за осигурување би следело:
| Друштво за осигурување | точка | % | износ за исплата | |
| 1 | АД Триглав осигурување | 141 а) | до 5% | од 5.000,00ден. До 25.000,00ден. |
| 2 | АД Винер осигурување | 150 a) | 1% | 5.000,00ден. |
| 3 | АД Кроација осигурување | 143 | 3% | 15.000,00ден. |
| 4 | АД Сава осигурување | 127 | 4% | 20.000,00ден. |
| 5 | АД Уника осигурување | 146 а) | 3% | 15.000,00ден. |
| 6 | АД Осигурителна полиса | 150 а) | до 5% | од 5.000,00ден. До 25.000,00ден. |
| 7 | АД Граве осигурување | 150 а) | до 10% | од 5.000,00ден. До 50.000,00ден. |
| 8 | АД Халк осигурување | 152 а) | до 5% | од 5.000,00ден. До 25.000,00ден. |
| 9 | АД Еуролинк осигурување | 126 | 1% | 5.000,00ден. |
| 10 | АД Осигурување Македонија | 131 а) | 4% | 20.000,00ден. |
| 11 | АД Евроинс осигурување | 126 а) | 0,50% | 2.500,00ден. |
Од табелата може да заклучите дека во зависност од друштвото за осигурување кое ќе го изберете и сумата на осигурување која ќе ја договорите зависи и Вашиот надомест на штета, за ист вид на повреда и степен на ограничени движења различен процент на траен инвалидитет.
Во наредните текстови поврзани со осигурувањето од последици на несреќен случај незгода покрај за ставката траен инвалидитет ќе направиме анализа и за останатите ставки кои може да ги договорите со Друштвото за осигурување и тоа:
– Смрт од незгода
– Смрт од болест
– Трошоци за лекување
– Дневен надомест
– Тешки болести
Вашите прашања, искуства и мислења може да ги доставите на contact@osigurenik.mk
