Паднатите дрвја на ЈП Паркови и зеленило Скопје
Планирањето, проектирање, подигање, одржување, заштита и реконструкција на урбаното зеленило е уредено со Законот за Урбано зеленило.
За вршење на овие работи општината или градот Скопје основа јавно претпријатие, во нашиот случај ЈП Паркови и зеленило.
Од страна на ЈП Паркови и зеленило секојдневно може да се забележат мобилни екипи кои се грижат за зеленилото во градот. Но и покрај редовното одржување може да се појави оштетено дрво кое може да биде исушено дрво, дрво со надмината физиолошка и биолошка возраст, дрво нападнато од карантински болести и штетници, дрво со значителни физички оштетувања по разни основи и заболено дрво кај кое не постои можност за успешно санирање на неговата здравствена состојба.
Во член 29 од Законот за Урбано зеленило е утврдена постапката за утврдување на потребата за сечење, односно кастрење на оштетено дрво, како и за дрво за кое надлежната служба ќе утврди потреба за негово сечење, односно кастрење која започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност.
Врз основа на поднесеното барање општината или градот Скопје се должни да донесат решение со кое ќе ја утврдат потребата за сечење, односно кастрење на оштетеното дрво и на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри со ознака “С“ сечење или “К“ кастрење. Со решението се определува извршителот и рокот во кој истото ќе се спроведе.
Во текот на изминатите години имаше многу случаи во кои се оштетени возила од паднати дрвја. Сопствениците на возилата имаат право да поднесат барање за надомест на штета до ЈП Паркови и зеленило со оглед дека е основано од град Скопје за подигање, одржување, заштита и реконструкција на урбаното зеленило.
Пред да го поднесат барањето потребно е да имаат доказ дека оштетувањето настанало како последици од паѓање на дрво, во форма на потврда од Министерството за Внатрешни работи и фотографии од лице место. За овој вид на надомест на штета важат општите правила за надомест на штета и Законот за Облигационите односи.
ЈП Паркови и зеленило со цел да се заштити од барањата за надомест на штета има склучено договор за осигурување од одговорност од дејност со Осигурителните компании со кој е префрлена одговорност од дејност во одреден годишен агрегат и однапред утврден агрегат по штетен настан (максимална сума до која одговара Осигурителната компанија)
Законот утврдил дека одговорноста за штета настаната над објекти или возила поради паднато оштетно дрво или гранка освен над бесправно изградени објекти и непрописно паркирани возила, сноси извршителот на работите за одржување на зеленилото, на кој му е издадено решение за сечење или кастрење од страна на надлежен орган а кој по истото не постапил по истекот на рокот определен со решението. Штети во смисла на наведеното се сите штети кои не се настанати како резултат на елементарни непогоди: земјотрес, поплава, неповолни временски услови (ветер, дожд, снег, град, гром и друго) кои се утврдуваат врз основа на податоци од Управата за хидрометерелошки работи. Овие штети ќе се сметаат како штети предизвикани под влијание на виша сила и за нив ЈП Паркови и зеленило не сноси одговорност.
Иако целата постапка е уредена со закон се поставува прашањето зашто ЈП Паркови и зеленило не постапува по донесените решенија од град Скопје?
Во овој случај одговорност произлегува од непостапувањето на ЈП Паркови и зеленило по решението од град Скопје, кое доведува до оштетување на туѓи предмети. Доколку се постапело во рок ќе се спречела можноста од настанување на штета, иако и во самата постапка на сечење или кастрење на дрвата постои опасност од причинување на штета. Повторно одговорнста за постапувањето на своите вработени ја сноси ЈП Паркови и зеленило.
Она што е вредно да се напомене е дека во делот за надомест на штета во Законот за Урбано зеленило не е уредено за ситуација кога од падот на исушено дрво или гранка настане телесна повреда на лице односно за надомест на нематеријална штета, во ваква ситуација важат општите правила за надомест на штета и Законот за Облигационите односи.
Во секој случај доколку имате причинета штета на ваш предмет од страна на паднато дрво или гранка може да поднесете барање за надомест до ЈП Паркови и зеленило од таму ќе бидете известени за осигурителната компанија со која имаат склучено договор за осигурување од одговорност од дејност за да го остварите своето право за надомест.
Бидете внимателни во однос на рокот за застареност на Вашето барање кој изнесува три години од кога оштетениот дознал за штетата и за лицето кое ја сторило штетата. Воедно бидете информирани дека не сите штетни настани се опфатени со полисата за осигурување со оглед дека самата осигурителна компанија има свои услови за осигурување односно што е опфатено како ризик и кои штетни настани се покриени со осигурувањето. Во секој случај обврската за надомест останува на ЈП Паркови и зеленило.
Вашите искуства, коментари и забелешки доставете ги на contact@osigurenik.mk до тогаш внимавајте на паднатите дрвја на ЈП Паркови и зеленило.
