Сообраќајна несреќа и штета на возилото поради подигната шахта? Еве што да направите

Uncategorized

На секоја од нашите улици составен дел се шахти од најразличен вид и со различна намена. Она што е заедничко на сите нив  е дека дел се подигнати повеќе од нивото на коловозот дел се под нивото на коловозот.

Шахтите кои не се нивелирани со нивото на коловозот претставуваат опасност од настанување пред се на сообраќајна незгода, потоа на повреда на велосипедисти, повреда на пешаци а сето тоа да биде проследено со материјална штета.

Во зависност од сообраќајните услови многу често тешко е да се забележат па без разлика на брзината на движење да предизвикаат значителна штета на моторните возило особено на подвозјето и амортизерите, знам за ситуации во кои од ударот во шахта под ниво на коловозот на возачот му излезе амортизерот надвор од лежиштето и му ја оштети предната хауба од неговото моторно возило.

Знам и за друг случај во кој возачот на мопед удри во шахта која беше над нивото на коловозот, изгуби контрола над мопедот и следно се најде седнат на тротоарот со неколку набиеници на телото.

Наглото избегнување може да доведе до создавање на друга опасна ситуација па препорака е да се движите со брзина прилагодена на условите на патот.

Периодот што следи е со очекувани врнежи од дожд и снег, шахтите кои не се во ниво со коловозот претставуваат опасност од повеќе аспекти. Имено доколку шахтата е под нивото на коловозот при врнежи од дожд истата ќе се исполни со вода (во зависност од намената) и во такви услови многу е тешко да се препознае дека станува збор за длабнатина на патот. При врнежи од снег се ни е рамно, па така и коловозот, во ваков случај невозможно е да се забележат шахтите кои не се нивелирани со коловозот. Дополнително тие кои се над нивото на коловозот претставуваат и пречка за машинско чистење на снегот.

Се поставува прашањето што при штета? Кој е одговорен за надомест на штета?

Доколку претрпите штета од удар во шахта над или под нивото на коловозот потребно е да повикате надлежен орган на МВР кој ќе направи увид на лице место, ќе провери дали има траги на кочење или завлекување на возилото со цел утврдување на брзината на движење. Ќе изврши мерење на висината односно длабината на шахтата, ќе го фотографира возилото со цел утврдување на видливи оштетувања на истото и за сето тоа ќе изготви Записник за увид на лице место со оглед дека по дефиниција согласно член 2 точка 139 “„Сообраќајна незгода“ е настан на патот предизвикан како последица од непочитување на сообраќајните правила и прописи во кој учествувало најмалку едно возило во движење“ од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Надомест на штета секогаш се бара од одговорното лице по основ на вина, имено согласно член 141 “Тој што ќе му причини штета на друг должен е да ја надомести“ од Законот за облигациони односи а во смисла на член 145 “Вина постои кога штетникот причинил штета со намера или невнимание (крајно, обично или друг степен на невнимание предвиден со закон).

Одговорно лице во овој случај би било Јавното претпријатие одговорно за одржување на патот од причина што доколку постои опасност на патот потребно е да ја отстрани или соодветно да ја обележи. Самиот законодавец утврдил во член 15 став 1      “Во случај на прекинување или загрозување на сообраќајот на јавен пат заради одронувања или лизгања на теренот, голомразица или други причини, како и во случај на оштетување на коловозот кога се загрозува безбедноста на сообраќајот, правното лице надлежно за одржување на патот, е должно веднаш да преземе мерки за отстранување на пречките и воспоставување на безбеден сообраќај.“ од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, како и во член 210 став 1 “Делот од патот на кој настанале пречки што не можат веднаш да се отстранат или на кој се изведуваат работи, задолжително треба да се обележи на виден начин на него согласно со посебен пропис, со цел да се обезбедат учесниците во сообраќајот“ од истиот закон.

Јавните претпријатија секогаш имаат полиси за осигурување од одговорност, но треба да се проверат условите за осигурување на Друштвото за осигурување со кого е склучен договорот од причина што не се опфатени сите ризици. Односно потребно е да се дефинира ризикот за да знаете кој има пасивна легитимација за да го насочите своето барање кон него.

Речиси никогаш овие шахти не се обележани со оглед дека се смета дека е прифатлива штетата нанесена од секојдневното удирање во нив, а тоа секако ќе продолжи да биде така додека сите шахти не се нивелираат или додека сите учесници во сообраќајот не поднесат барање за надомест на своите штети.

Вашите мислења, лично искуство, фотографии или видеа споделете ги со нас на contact@osigurenik.mk, оваа тема ќе има продолжение со Вас.

fb-share-icon