Најчести повреди при скијање!

колумни

Љубителите на зимските спортови знаат дека со скијањето доаѓаат и многу повреди. Скијањето има потенцијал да биде многу опасно. Еве ги најчестите повреди кои можат да настанат при скијање:

1.Повредите на колената се многу чести и сочинуваат 40 насто од сите повреди при скијање. Често настануваат на стрмни, заледени стази и се случуваат на почетници кога возат „плуг“, односно при вкрстување на скиите, како и кога скијачот ќе се обиде да стане, но и понатаму се лизга по стазата. Најчесто доаѓа до повреди на медијалниот колатерален лигамент. Оваа повреда обично е здружена со повреда на менискусот и предниот вкрстен лигамент. Се манифестира со болка од внатрешната страна на коленото. Интензитетот на болка се зголемува при наслонување на ногата. Се јавува оток на зглобот на коленото, нестабилност и неможност за исправање на коленото. Времето за кое зглобот отекува може да укаже и на тежината на самата повреда на коленото. Ако зглобот силно отече во првите два часа по повредата, тоа укажува на фактот дека постои крварење во коленото и тешки повреди на предниот вкрстен лигамент. Полесна отеченост и појава на симптоми во првите 24 часа зборува за полесна повреда на коленото.

Дијагнозата се поставува врз основа на анамнеза, физикален преглед, РТГ снимка на зглобот на коленото и магнетна резонанца.

Веднаш по повредата се применува RICE принцип: R – rest (одмор), I – ice (лед), C – compression (еластичен завој), E – елевација на повредениот екстремитет.  Имобилизација со гипс се применува кај руптура на медијалниот коларетален лигамент, а оперативно лекување кај руптура на предниот вкрстен лигамент. Во случај на болка може да се земат нестероидни интиинфламаторни лекови.

2.Повредите на рамото може да бидат во вид на дислокација на зглобот, исчашувања, скршеница на клучната коска, скршеница на надлактицата која најчесто се случува во пределот на „хируршкиот врат“, повреди на мускулите и тетивите. Може да настанат при пад на испружена шака, со директен удар или пад на рамо. Настанува болка во зглобот на рамото, оток, подлив, ограничена подвижност во сите правци.

Повредата на рамото се дијагностицира врз основа на анамнеза, физикален преглед, РТГ и ехосонографија, МР и артериографија.

Веднаш е потребно да се прекине оптоварувањето на зглобот на рамото и да се стави мраз  на местото на болка. По поставувањето дијагноза, лекувањето се состои од местење на зглобот и имобилизација. Обично терапијата е конзервативна. По вадење на имобилизацијата се применува физикална терапија, а во исклучителни случаи и хируршко лекување.

  1. Повреди на палецот настануваат кога скијачот паѓа на затворена рака во која го држи скијачкиот стап. Ова е многу честа повреда при скијање. Доаѓа до поместување на метакарпофалангеалниот зглоб (зглоб во коренот на палецот) наназад. Како резултат на силно дејство на силата доаѓа до истегнување или пукање на лигаментот, кога се јавува болка која постепено се засилува. Потребно е да се имобилизира повредениот дел од телото и пациентот веднаш да се јави на лекар.
  2. Повредите на главата може да се манифестираат на бројни начини – од мали гребнатинки до сериозни повреди кои се причина за трагични последици при скијање. Тоа може да бидат повреди на лицето и скалпот. Скршениците на черепот може да бидат на сводот и на базата на черепот, и да предизвикаат повреди на мозокот. Зависат од брзината на движење на скијачот. Првата помош опфаќа поставување на скијачот во соодветна положба, стабилизација на главата, запирање на крвавење, следење на виталните функции.
  3. Повреди на рачниот зглоб се многу чести при скијање бидејќи за да се превенира пад најчесто се испружуваат напред рацете. Може да дојде до различен степен на повреди- од истегнување и кинење на лигаменти, до скршеници. Дијагностика се прави најчесто со РТГ, а понекогаш и со МР, а лекувањето може да е конзервативно со гипс, или оперативно, зависно од типот на повредата.

Специјалист ортопед доктор Александра Димова

fb-share-icon