Промотер за осигурување, агент или техничка станица, од каде да ја купите Вашата полиса за осигурување од автоодговорност?
Голем дел од осигурениците кога станува збор за задолжително осигурување не обрнуваат многу внимание на компанијата со која ќе склучат договор за осигурување. Најчесто изборот го сведуваат на понудата на техничките станици, имено сакаат со самиот технички преглед да ги завршат сите обврски вклучително и осигурувањето за возилото.
Техничките станици најчесто си имаат свое Брокерско друштво кое продава полиси за осигурување во рамките на техничката станици. Од друга страна Брокерските друштва најчесто имаат склучено договори со сите осигурителни компании но заради повластени услови односно поголема провизија секогаш фаворизираат една или две компании за осигурување.
Во однос на осигурениците кога ќе им се понуди избор на осигурителна компанија со која може да склучат договор за осигурување за своето возило најчесто поставуваат прашање која е подобра или другата варијанта е кога слушнале реклама за некоја од компаниите сметаат дека истата е правиот избор за нив.
Еден дел од осигурениците кои имале лошо искуство со некоја од компаниите особено во делот на надомест на штета можеби не знаат која компанија да ја изберат но сигурно знаат која нема да ја изберат.
Техничките станици се неприкосновени кога станува збор за продажбата на полиси за осигурување од автоодговорност, од друга страна промотерите и агентите за осигурување продаваат полиси на пријатели и на лица кои најчесто сакаат да плаќаат на рати.
Дополнително се отежнува работата на агентите и промотерите со фактот дека дел од техничките станици доколку осигурувањето го купувате од нивниот брокер подаруваат одредени подароци најчесто за самото возило, средства за одржување, патосници или лопати за снег.
Предност на агентите и промотерите се превозниците, односно заради олеснување на постапката и давање на пакети осигурување со повеќе поволности се поврзуваат со еден или повеќе агенти односно промотери кои во нивно име ја завршуваат целата постапка во однос на осигурувањето.
Оваа предност потребно е да ја искористат и другите осигуреници, конкретно во случај на сообраќајна незгода доколку имате нејаснотии за начинот на кој е потребно да постапите Вашиот агент односно промотор секогаш ќе биде тука за да ви го олесни оставрувањето на своите права и советодавно да ви пристапи со цел да Ве заштити. Оваа поволност неможе да ја имате доколку осигурувањето го купите од техничката станица односно со самото излегување од таа врата препуштени сте самите на себе.
Особено ако се има во предвид дека цената која ја плаќате за задолжително осигурување од автоодговорност е иста без разлика од местото каде ќе ја купите полисата односно компанијата со која ќе го склучите договорот за осигурување.
Иако постои можност осигурувањето да се обнови 30 дена пред истекот на тековното осигурување (регистрација) сепак мал број на осигуреници ја користат оваа можност. Најчесто тоа се прави на денот кога истекува тековното осигурување, па се доведуваат во ситуација доколку имаат технички проблем односно возилото е неисправно и не може да го помине техничкиот преглед да бидат упатени на одредена поправка и да им помине важноста на осигурувањето. Во ваква ситуација потребно е да го променат датумот на осигурувањето кој е потребно да биде ист со денот на техничкиот преглед и запишувањето во сообраќајната дозвола од страна на службеникот на Министерството за внатрешни работи.
Совет до сите осигуреници е да контактираат со агенти односно промотери кои ќе им ги објаснат условите за осигурување и предностите на сите компании за да можат да направат правилен избор за осигурувањето на своето возило, да не чекаат да помине важноста на осигурувањето туку обновата да ја направат неколку денови па и недели порано а особено да имаат во предвид дека осигурувањето од автоодговорност започнува да важи после 24 часот на денот кој е назначен како почеток на осигурувањето.