Возачка дозвола и надомест на штета од Каско осигурување?

осигуреници

Доколку Вашето возило е оштетено како последица на сообраќајна незгода а вината за случување е Ваша или другиот учесник кој е виновен напуштил лице место и не е пронајден, единствен начин да ја надоместите штетата за Вашето возило е доколку поседувате Каско полиса за осигурување.

Предмет на осигурување се сите видови моторни, приклучни и работни возила и нивните составни делови. Како составни делови на возилото се сметаат:  алат, прибор   резервни делови стандардно испорачани за соодветниот тип на возилото како радио-апарат кој е вграден во возилото од страна на производителот на возилото. Уред за обезбедување од кражба, противпожарен апарат во возилото, сигурносен триаголник, сигурносни ремени, тахограф, јаже, прирачна аптека, резервни сијалици, додатни надворешни и внатрешни огледала, лампа, жмигавец за обележување на застанато возило ноќе на патот, халогени светла, магловки, греач на задно стакло, брисач на задно стакло, наслони за глава и ланци за снег.

Каско осигурување ги покрива штетите кога осигурениот предмет е уништен или оштетен како последица на неочекувани и од вољата на договорувачот на осигурувањето, осигуреникот или возачот, независни настани.

Сообраќајна незгода, како на пример: превртување, судар, удар, лизгање и слично.

Осигурителните компании во голема мера имаат слични услови за осигурување со некои мали разлики кои ги имаат вметнато врз основа на искуството низ годините како и за сопствена заштита.

Еден од исклучоците за надомест на штета по основ на Каско осигурување е возачката дозвола. Осигуреникот ги губи правата од осигурување ако штетата е настаната за време додека со возилото управува лице без соодветна дозвола. Ќе се смета дека возачот го управува возилото без возачка дозвола и кога со возилото управува за време додека му е изречена забрана за управување на тој вид возило од страна на овластен државен орган. Возачката дозвола е со измината важност а не поседува доказ за поднесено барање за продолжување до овластен државен орган. Возач-почетник кој управува возило во патен сообраќај во периодот помеѓу 23,00 и 05,00 часот освен ако се наоѓа со лице возач постар од 25 год. на кое не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување на моторно возило. Возач почетник кој поседува возачка дозвола од А категорија и управува возило со сила на мотор поголема од 25 киловати, возач почетник кој поседува возачка дозвола од Б категорија и управува возило со сила на мотор поголема од 77 киловати.

Прашањето што се наметнува е што доколку сопственик на возилото е правно лице?

Одговорен за поседување на возачката дозвола е возачот на возилото согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Осигурителните компании имаат различни ставови по ова прашање па така дел од компаниите го толкуваат исклучокот дека, доколку сопственикот на возилото кој е правно лице дозволил возилото да го управува возач без валидна возачка дозвола ги губи правата од осигурување и не му следува надомест на штета.

Во секој случај потребно е да се направи дистинкција помеѓу сопственикот на возилото кога е правно лице и го има осигурано своето возило со Каско осигурување и возачот на возилото кој ја причинил штетата.

Правото за надомест го има сопственикот на возилото и потребно е на истиот да му се надомести претрпената штета. Со оглед дека правните лица ги отстапуваат возилата на управување на физички лица и не секогаш може да имаат увид во валидноста на нивните возачки дозволи.

Другиот дел од компаниите надоместуваат штети кога сопственик на оштетното возило е правно лице додека од возачот на возилото го користат правото на суброгација (кога осигурувачот има право да бара поврат на исплатените средства од одговорното лице за причинетата штета).

Правото на суброгација е уредено во член 16 од Законот за Задолжително осигурување во сообраќајот “Со осигурувањето од автомобилска одговорност се опфатени и штетите предизвикани со употреба на моторно возило од неовластено лице. За неовластено лице се смета лице кое управувало со моторно возило без соодветна возачка исправа (вклучувајќи лице кое е на обука за добивање возачка исправа без присуство на овластено лице)“.

Со оглед дека договорот за каско осигурување е облигација помеѓу осигурувачот и осигуреникот, страните во договорот имаат право да ги уредат меѓусебните односи во согласност со Условите за каско осигурување и позитивно правната легислатива.

Се поставува прашањето дали е исправно да се повикуваат страните на Закон за задолжително осигурување во договор за факултативнно, незадолжително каско осигурување? Особено имајќи во предвид дека во цитираниот член е наведено “со осигурувањето од автомобилска одговорност“. Сега, дали кога доплаќате за Вашата одговорност треба осигурителната компанијата да има право да бара поврат на исплатените средства за надомест на штета? Посебно земајќи го во предвид фактот дека истечената возачка дозвола е административна работа и не влијае на случување на сообраќајната незгода.

Дополнително непоседувањето валидна возачка дозвола е предмет на санкционирање од страна на надлежниот орган на Министертвото за Внатрешни работи.

Сопственикот како правно лице нема право да поднесува барање за издавање на возачка дозвола во име на возачот на возилото. Ниту пак може да знае за изречени забрани за управување со моторно возило на возачот доколку не се запишани во возачката дозвола кога била дадена на увид.

Во однос на правото на суброгација на осигурителната компанија кон возачот на возилото останува отворено прашањето дали самиот факт дека возачот нема валидна возачка дозвола треба да претставува основ за регрес. Или е потребно да се најде причинско последична врска во однос на поседувањето валидна возачка дозвола и случувањето на сообраќајната незгода.

Вашите коментари, забелешки и лични искуства доставете ги на contact@osigurenik.mk

fb-share-icon