Пред три години бев жртва на сообраќајна незгода. Незгодата се случи додека бев на службен пат во работно време. Поминувајќи на обележан пешачки премин на еднонасочна улица со две коловозни ленти во центарот на Велес, ја поминав едната лента каде што прописно застана автомобил за да возилото во следната лента не застана, кое за среќа не возеше со поголема брзина од 40км на час, ме удри и продолжи да вози. Паднав назад на коловозот пред возилото кое веќе стоеше. Местото е доста прометно и имаше доста очевидци кои ја видоа марката и регистарската таблица на возилото, јас успеав да ја видам само бојата на возилото. Ми помогнаа случајните минувачи и во меѓувреме сосем случајно помина полициска патрола застана и всушност ја повикна сообраќајната полиција.
Многу брзо потоа дојде сообраќајната полиција, направи увид на лице место, откако прво се увери дека сум добро, поминав со полесни телесни повреди, сликаше, ми зеде изјава што како се случило и потоа ме спроведе во Велешката Општа Болница, каде ми направија рендген снимка и ме прегледа спец.ортопед што ми даде лекарски извештај каде што беше наведено какви повреди и на кој начин се случиле.
Во меѓувреме по изјавите од очевидците, полицијата го пронашла возачот во својот дом неколку часа подоцна , земена е изјава иземен е примерок од крвта за да се утврди дали има присуство на алкохол и доколку има колку промили. Утврдено е дека има присуство на алкохол кај возачот, кој има 62 години и во возилото бил со совозач својата жена, податоци кои јас ги добив од полицискиот записник кој го добив 3 месеци подоцна. Незгодата се случи на 15.03, а полицискиот записник го добив во јуни, пред сослушувањето кај јавниот обвинтел за кој добив покана по пошта.
Бидејќи повредата се случи додека јас бев во работно време, процедурата наложува да се пријави во трудов инспекторат во рок од 48 часа откако ќе се случи незгодата и тоа во фирмата во која тогаш работев го направи надворешно лице кое беше задолжено за Безбедност и здравје при работа. Откако ќе се пријави, трудовиот инспекор одговорен за предметот ја задолжува фирмата да обезбеди документи, од кои што јас единствено требаше да однесам листи кај матичниот лекар кои треба да ги пополни. Друго се беше обврска на компанијата. Дополнително матичниот лекар ме упати да посетам психијатар поради претрпен акутен стрес, што всушност и ми помогна полесно да ја надминам траумата.
Со сите овие постапки всушност имате право на цела плата односно не ви се крати од платата по основ на боледување.
На 15.06 во Основен Суд Велес бевме на сослушување кај Јавниот обвинител бидејќи постои можност да се договориме спогодбено и обвинетиот да и плати само парична казна на државата. Во мојот случај обвиниетиот беше кривично гонет поради тоа што предизвикал сообраќајна несреќа и избегал од местото на настанот плус возење под дејство на алкохол. За да направиме спогодба мораме да се согласиме и двајца, обвинетиот беше со својот адвокат, јас се советував и не беше задолжително да адвокатот дојде со мене. Јас не се согласив да направиме спогодба и остана судски да се разреши предметот. Не добив покана за на суд да сведочам повторно, само ја добив пресудата, условно осуден на една година. Дури и кога се појавив на сослушувањето кај Јавниот обвинител беа изненадени зошто сум дошла, не добиле повратен одговор дека сум ја добила поканата. Мислам иако неможам да тврдам дека локалното влијание си го направи своето.
После сето ова почнав низ лавиринтите на осигурителните компании. Првично со сите лекарски извештаи, полицискиот записник, рендген снимка и плус нивните документи поднесов во компанијата Осигурување Македонија Vienna Insurance Group во која што бевме колективно осигурани, од таму ми го одбија барањето за отштета поради тоа што сум немала траен инвалидитет како последица на сообраќајната незгода односно самата полиса е таква. Потоа со помош на близок пријател кој има долгогодишно искуство со осигурителните полиси, уредно ги средивме документите и поднесов барање за штета во осигурителната компанија Uniqa каде обвинетиот имаше автоодговорност.
Сите потребни документи уредно предадени ( лекарски извештаи, полициски записник, рендген снимка, барање ) по што добив одговор за одобрена штета, максимално што можев да добијам спрема ситуација и повредите. Откако ја добив одлуката за исплата на штета доставив и транскациска смета на која ми ги исплатија средствата. Постоеше можност и за приговор на донесената одлука од страна на осигурителната компанија, но во мојот случај беа праведни.
Она што мене ми ја олесни цела оваа бирократија, е тоа што имав кој да ми помогне и да ми го олесни процесот и да ми каже како и што да направам за да го добијам она што ми следеше секако.
Како закучок сметам дека секогаш во ситуација како мојата и слични консултирајте стручни лица со искуство во осигурување, секако ќе ви го олеснат и онака непријатното и тешко искуство.
