Со олеснувањето на мерките за увоз на половни возила, се зголеми бројот на возила во сообраќајот.
Дел од возилата се довезуваат преку транспорт со специјални транспортери за таа намена, додека останатиот дел од возилата транспортот се врши со управување.
Кога се внесуваат во нашата земја со управување потребно е да ги исполнуваат условите за употреба на моторни возила во сообраќајот согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и согласно Законот за задолжително осигурување.
Со оглед дека се регистрирани во странски земји и осигурувањето од автоодговорност како и Зелената карта се издадени од страна на осигурителни компании со седиште во тие земји, овие возила се познати во сообраќајот како возила со странска регистарска таблица.
Дополнително да се напомене дека голем дел и од нашите сограѓани возат возила со странска регистарска таблица, особено во делот на Источна Македонија каде се возат со бугарски национални ознаки или делот на Западна Македонија каде се возат со германски и швајцарски регистарски ознаки.
Прашањето е што во случај на штета причинета од, или на овие возила со учество во сообраќајна незгода?
Имено, согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата член 220 став 1 алинеја 2 “Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи, се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета и да извршат увид, ако тоа го бара едниот од учесниците во сообраќајната незгода и тоа во случаи кога едно од возилата има странска регистарска таблица“.
Од текстот произлегува дека може да се потполни и Европски Извештај во случај на мала материјална штета со оглед дека законодавецот навел дека полициските службеници се должни да излезат АКО тоа го бара еден од учесниците во сообраќајната негода!
Согласно наведеното учесниците сами одлучуваат во случај на мала материјална штета дали ќе повикаат орган на МВР или спогодбено со потполнување на Европски Извештај ќе ги утврдат околностите под кои настанала незгодата.
Во пракса осигурителните компании при решавање на оштетните побарувања со учесник возило со странска регистарска таблица имаат различно толкување, дел од нив го читаат зборот АКО во текстот од Законот додека останатите го прескокнуваат.
Во секој случај препорака од осигуреник.мк е во вакви случаи да го известите МВР за случената сообраќајна незгода и доколку се исполнети условите за мала материјална штета тој самиот ќе Ве упати да пополните Европски Извештај, па потоа во постапката за надомест ако осигурителната компанија го спори Вашето право за надомест може да побарате од МВР службена белешка со оглед дека штетниот настан е пријавен без разлика што не е направен увид, ќе нема аргумент осигурителната компанија за одбивање на Вашето барање за надомест.
Во останатите случаи кога не се исполнети условите за мала материјална штета потребно е да го направите следното:
- Не го поместувајте возилото, односно доколку претставува опасност по другите учесници во сообраќајот обележете го соодветно со триаголник или светлечки знак.
- Погрижете се за повредените лица (доколку има) не ги поместувајте, јавете се веднаш на брза помош.
- Повикајте полиција.
- Доколку сте во можност фотографирајте го местото на настанот и оштетените возила;
Пријава на штета за Вашето возило може да пријавите веднаш во компанијата каде што е осигурано возилото причинител на штета, додека основот за решавање ќе се разгледува по изготвување на Полицискиот записник за увид на лице место.
Пријава на нематеријална штета за претрпени телесни повреди може да поднесете до компанијата каде што е осигурано возилото причинител на штета по изготвување на Полицискиот записник за увид на лице место и комплетирање на медицинската документација за видот и карактерот на претрпените телесни повреди.
Пријава по доплаток за осигурување на возач и патници се поднесува до компанијата каде е осигурано возилото во кое се превезувате. Овој доплаток опфаќа траен инвалидитет како последица на здобиените повреди на сума на осигурување која е различна согласно компании и висина на доплатокот како и смртен случај последица на сообраќајната незгода.
