Како правилно да пополните Европски Извештај

штети

Европскиот извештај, или извештај за сообраќајна незгода, како образец за надомест на мала материјална штета кон трето лице, во случај на сообраќајна незгода треба да биде правилно пополнет.
Да ги содржи сите податоци потребни за утврдување на фактичката состојба на случената сообраќајна незгода.
Напомена* – Еден Европски извештај го пополнуваат двете страни – учесници во сообраќајната незгода.
Заради олеснување на чекорите при пополнување, во понатамошниот текст ќе биде целосно образложен начинот на правилно пополнување на Европски извештај.
Составен од 15 точки се пополнува редоследно и тоа:

1. Во точка 1 теба да наведете дата и час кога се случила сообраќајната незгода;
2. Во точка 2 треба да го наведете место каде се случила сообраќајната незгода (држава и град);
3. Во точка 3 треба да означите дали имало повредени лица во сообраќајната незгода;
4. Во точка 4 треба да означите дали е предизвикана материјална штета, на некое друго возило, или предмет освен возилата учесници во сообраќајната незгода;
5. Во точка 5 требa да наведете сведоци доколку ги имало за време на сообраќајната незгода.

Откако ќе ги пополните овие 5 точки ќе наидете на две колони, една со сина, а друга со жолта боја, истите се означени со ,,возило А” и ,,возило Б”. Помеѓу колоните наведени се прашања, а под прашањата постои празен простор за скица, и во овој дел од Европскиот извештај се опфатени преостанатите 10 точки.

6. Во точките 6, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за сопственикот на возилото по сообраќајна дозвола (име презиме за физичко лице или назив за правно лице, адреса на живеалиште/седиште на лицето и телефон за контакт);
7. Во точките 7, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за возилота кои учествувале во сообраќајната незгода (марка и тип, регистрација и место на регистрација);
8. Во точките 8, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за осигурителната компанија во која сте осигурени (назив на компанијата, број на полиса или зелениот картон доколку незгодата се случила во странство, важност на полисата);
9. Во точките 9, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат податоци за лицето кое управувало со возилото во моментот на сообраќајната незгода (име и презиме, дата на раѓање, живеалиште и број на возачка дозвола);
10. Во точките 10, за возилата ,,А” и ,,Б” се означува делот од возилото кој е оштетен поради настанатата сообраќајна незгода;
11. Во точките 11, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат оштетените делови на возилата;
12. Во точките 12, за возилата ,,А” и ,,Б” и двете страни учесници означуваат одреден број на прашања кои соодветсвуваат за сообраќајната незгода, а потоа во последното поле пишуваат колку полиња со прашања означиле;
13. Во точката 13, ќе наидете на простор каде потребно е да нацртате скица (гледано како од птичја перспектива) за тоа како се случила сообраќајната незгода. Тоа вклучува цртање на возилата и означување на истите со ,,А” и ,,Б” (во зависност кој од учесниците потполнувал во делот ,,А” односно ,,Б”) ;
14. Во точките 14, за возилата ,,А” и ,,Б” се впишуваат некои напомени кои би сакале да ги истакнете доколку ги имате и
15. Во точките 15, за возилата ,,А” и ,,Б” потребно е да се стави потпис од лицата кои го пополнуваат Европскиот извештај (секогаш го пополнуваат учесниците/возачите).

Една доста важна работа при пополнувањето на Европски извештај, а ова најповеќе од причина што често, во пракса, наидуваме на Европски извештаи каде што кај едно од возилата пишува ,,јас сум виновен”, е тоа што Европскиот извештај не претставува признавање на вина.
Со истиот страните не постигнуваат согласност за тоа ,,кој е крив”. Европскиот извештај служи исклучиво за утврдување на фактичката состојба за случената сообраќајна незгода.
Случаите кога се пополнува Европски Извештај е уредено во член 219 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Автор на текст
Моника Даскаловска

fb-share-icon