Во здраво тело здрав дух. Со оваа максима од мали нозе не убедуваа да започнеме со одредена спортска активност. Многу од нас започнале многу различни спортови се “пробале“ во многу категории дел успеале да се пронајдат, дел останале аматери.
Со доаѓањето на зимата синоним е снегот и спортските активности поврзани со него. Пожелно е на најмалите да им се даде можност да пробаат одредени спортови на снег во прв ред скијање. Иако претставува скап спорт во однос на поголем дел од останатите спортови, сепак денес е многу подостапен од порано, а со оглед дека е сезонски верувам дека издвоената сума ќе биде помала од насмевката на лицето на Вашите најмали.
Дел од вас ги користат македонските ски центри додека останатите знаат да ги посетат и оние надвор од нашите граници во првиот ред соседните земји потоа и малку подалеку Австрија, Италија и Франција.
Доколку патувате надвор од нашите граници пожелно е да си купите патничко осигурување. Но тоа не е се, потребно е да имате доплаток за спортски активности за во случај на незгода при скијањето да биде опфатен лекарскиот трошок.
Со патничкото осигурување е опфатен итен медицински преглед, за здравствена состојба која сте ја немале претходно односно опфатени се акутни состојби на осигуреникот.
Со самата полиса за патничко осигурување, на осигуреникот се доставуваат условите за патничко осигурување и контакт информации за асистенската куќа за во случај на потреба од активирање на патничкото осигурување.
Телефонскиот број е во роаминг и истото подлежи на наплата но тие трошоци се опфатени со самата полиса најчесто до 25евра со приложување на детална сметка.
Постојат две опции при активирање на патничкото осигурување, првата, да ги контактирате од асистенската куќа и тие да ви го платат лекувањето во здравствената установа каде ќе Ве упатат да се обратите, додека другата е само да ги известите дека сте го активирале осигурувањето потоа вие да си ги рефундирате сите трошоци. По враќањето во Македонија би пополнниле пријава за надомест со прилог лекарски извештаи, фактури и фискални сметки, со што би побарале рефундација на платените средства.
Доколку Ви се препишани лекарства или помагала потребно е да ги чувате фискалните сметки со оглед дека Ви следуваат и овие трошоци за рефундација согласно Вашата полиса за патничко осигурување.
Децата во школска возраст имаат и осигурување од последици на несреќен случај (незгода), кое иако е доброволно со оглед на малите суми за премија кои се движат околу 100,00-150,00денари годишно, сите деца се осигуруваат.
Ова осигурување опфаќа неколку ризици меѓу кои траен инвалидитет, смрт од несреќен случај, смрт од болест, трошоци за лекување и дневен надомест. Кои ризици ќе бидат опфатени зависи од договорот кој ќе го склучи училиштето со осигурителната компанија.
Со оглед дека скијањето односно зимските спортови се поризични отколку останатите постои веројатност да настане одредена телесна повреда. Во таков случај доколку повредата на пример предизвика скршеница на одредена коска на телото, по овој вид на осигурување се цени последицата која ја оставила повредата. Ценењето е согласно Табела за утврдување на процент на траен инвалидитет, каде е утврдено за секој дел од телото колку проценти за надомест следуваат. Дел од точките се фиксни додека дел се варијабилни односно зависат од ограничувањата на движењето, големината на лузната и истите се во повеќе степени – лесен, среден и висок степен.
Утврдениот процент се множи со сумата на осигурување за траен инвалидитет која исто пак зависи од договорот кој ќе го склучи училиштето со осигурителната компанија.
Ова осигурување важи 24 часа и во сите земји исклучоците од овој вид на осигурување се наведени во Општите услови за осигурување од последици на несреќен случај незгода.
Уживајте во снежните спортови со Вашите најмали, бидете информирани за Вашите права и останете безбедни.
