Која е целта на осигурување на посеви и плодови?

осигурување

Целта на осигурувањето не е да се избегне или да се елиминира ризикот, туку истиот да се пренесе во друштво за осигурување. Колку е поголем бројот на осигуреници кои се изложени на сличен ризик толку попрецизно друштвото за осигурување може да ги процени очекуваните штети, и, како резултат на тоа, да пресмета соодветна и поволна премија за осигурениците која претставува цена на осигурувањето.
Производителите на земјоделски производи постојано се соочуваат со низа ризици кои непосредно влијаат на земјоделските приноси. Најголем дел од нив се производствените ризици кои се поврзани со временските услови, природните катастрофи, штетниците и болестите.
Временските услови се значаен фактор за производството на земјоделските култури, кои, за жал, не може да бидат контролирани и претставуваат главен извор на неизвесност за земјоделците.
Сушата и вишокот врнежи резултираат со лоши жетви. За жал, нестабилноста на температурите и врнежите, како и појавата на екстремни временски услови се зголемија во последната деценија, и, веројатно, ваквата нестабилност ќе продолжи како резултат на глобалните климатски промени.
Разбирањето на изворот и природата на ризиците е неопходно заради развој на стратегии за управување со ризици. Еден од начините за управување со ризиците е осигурувањето на земјоделските производи со што ќе се обезбеди обештетување и заштита на приносите . Тоа ќе овозможи земјоделците да ги ублажат влијанијата на ризиците кои не можат да бидат спречени.
Осигурувањето како инвестирање на поединецот во достигнување на подобар квалитет и обезбедување на подобар пласман на производството е од неизмерна важност за развојот на земјоделството и за подобрување на благосостојбата на земјоделците. На овој начин бизнисот на земјоделецот ќе биде заштитен од временските услови и природните непогоди.
За да се разбере што значи осигурувањето и како тоа функционира, најпрво е потребно да се разбере што претставува ризикот?
Ризикот претставува можност или неизвесност од загуба. Можноста земјоделските култури да бидат оштетени или целосно уништени, и како резултат на тоа, да биде загубен приходот од продажба на истите, претставува неизвесност од загуба.
Постојат неколку методи за управување на ризиците кои може да предизвикаат загуба:
1. Ризикот може да се избегне!
Речиси е невозможно да се избегнат сите ризици, особено кога станува збор за земјоделски култури чие производство е под директно влијание на временските услови.
2. Ризикот може да се намали!
Доколку посевите и плодовите се одгледуваат во оранжерии, земјоделецот ќе го намали ризикот ако инсталира пластични фолии на пластениците притоа знаејќи дека истите е потребно редовно да се обновуваат. Но, намалувањето на ризикот не значи и негово целосно отстранување.
3. Ризикот може да се задржи!
Земјоделецот може целосно или делумно да задржи дел од ризиците, намерно или ненамерно. Но, оваа постапка би можела да резултирала со финансиски последици за земјоделецот, доколку се случат некои од ризиците.
4. Ризикот може да се пренесе!
Еден од начините за пренос на ризикот е осигурувањето. Осигурувањето има витална улога како во општествениот така и во приватниот живот на луѓето. Тоа овозможува намалување на несигурноста поврзана со неизвесни настани кои може да се случат во иднина и да предизвикаат безброј економски опасности. Со купување на осигурувањето, земјоделците ризикот ќе го пренесат на друштво за осигурување.
Она што го интересира земјоделецот е што во случај на штета. Пријавата се поднесува директно во друштвото за осигурување со кое е склучен договорот за осигурување.
Висината за надомест се определува со процена од страна на Проценителот – земјоделски стручњак, излегува на терен каде врши непосредно процена на оштетените земјоделски култури и го определува износот кој како надоместок треба да му се исплати на земјоделецот согласно полисата за осигурување.
По определувањето на износот на надоместокот од страна на проценителот, осигурувачот донесува конечна одлука за износот кој ќе му биде исплатен на осигуреникот (земјоделецот). Осигурувачот го известува земјоделецот за одлуката и има законска обврска во рок од 14 дена да го исплати надоместокот за штета.
Доколку земјоделецот не се согласува со утврдениот износ на надоместок, има можност до осигурувачот да поднесе жалба кон која ќе приложи дополнителни докази за причините поради кои не се согласува.
Доколку осигурувачот ја одбие поднесената жалба без адекватно објаснување земјоделецот своите права може да ги бара пред надлежниот суд.
Од страна на Агенцијата за Супервизија на осигурувањето издадена е брошура со појаснувања за овој вид на осигурување.
Од наша страна дополнително ќе објавиме текст со ризиците кои се опфатени со осигурувањето на посеви и плодови.

fb-share-icon