Во 1949 година работната група за патен сообраќај на Одборот за сувоземен сообраќај на Економската Комисија за Европа на Обединетите Нации, достави до владите на државите членки, препорака со која бара од нив да ги замолат осигурувачите кои вршат осигурување од трето лице во поглед на употребата на возила, да склучат спогодби за утврдување на еднообразноста и практичните одредби, со што би се овозможило на возачите да бидат соодветно осигурени кога влегуваат во земји каде што осигурувањето од тие ризици е задолжително.
Со оваа препорака се истакнува дека воведувањето на еднообразниот документ за осигурување би претставувало најдобар начин за постигнување на таа цел и да се изнесат основните принципи на спогодбите кои треба да се склучат помеѓу осигурувачите од различни земји.
Спогодбата помеѓу бироата, чиј текст беше усвоен во Ноември 1951 година од страна на претставници на осигурувачи во државите кои во тоа време, поволно одговориле на препораката, ја сочинуваше основата за односите помеѓу овие осигурувачи.
Целта на наведениот систем, општо познат како “Систем на Зелена Карта“, е да се олесни меѓународното движење на моторни возила со осигурување на ризици од автоодговорност во поглед на нивната употреба за исполнување на критериумите кои ги пропишува земјата на посета и во случај на незгода, да гарантира надомест за повредените лица во согласност со националниот закон и позитивното право на таа земја.
Меѓународната карта за осигурување на моторни возила (“Зелена Карта“) која е официјално призната од владините органи на државите кои ја усвоиле Препораката на Обединетите Нации, претставува доказ во секоја посетена земја за задолжително осигурување од граѓанска одговорност во поглед на употребата на моторно возило.
Согласно Законот за Задолжително осигурување во сообраќајот член 52 Националното биро за осигурување на Македонија врши работи согласно со меѓународните спогодби за осигурување од одговорност на сопствениците и корисниците на моторни возила (зелена карта) и ги претставува друштвата за осигурување пред меѓународните организации на друштвата за осигурување, издава и печати меѓународни зелени карти за потребите на членките.
Износот за осигурување – зелен картон на патничко возило до 66 kw со времетраење од една година изнесува 3.690 денари, а за над 66 kw изнесува 5.536 денари.
Износот за патничко возило до 66 kw за еден месец изнесува 1.850 денари, а за возило над 66 kw изнесува 3.075 денари.
Износот за осигурување за влечните и специјалните возила, мотоциклите, приклучни и работни возила изнесува 5.536 денари. Додека за товарните возила и за автобусите изнесува 17.222 денари.
Важност на годишната зелена карта е во рамките на (скаденцата) времетраењето на полисата за автомобилска одговорност, односно истекува со регистрацијата.
Зелената карта не е ништо повеќе од продолжување на осигурувањето од автомобилска одговорност надвор од границите на нашата земја.
Во неколку наврати се правеше обид и притисок од страна на јавноста за укинување на Зелената Карта односно за спојување со полисата за осигурување од автоодговорност без посебен доплаток или со некој минимален износ како што впрочем е и во дел од земјите од соседството.
Со оглед на големиот број издадени полиси Зелена Карта интересот на осигурителните компании за укинување на овој вид полиса за осигурување е еднаков на нула.
Останува да се види во периодот што следи дали ќе се промени расположението кај осигурителните компании за измени во делот на меѓународно осигурување – Зелена Карта, со оглед дека расположението кај осигурениците е веќе познато.
