Иако оваа година е во знакот на глобалната пандемија и постојат голем број на рестрикции во однос на движењето надвор од границите на својата земја, сепак секој што ќе има причина да го направи тоа со употреба на моторно возило потребно е да поседува меѓународно осигурување – Зелена Карта.
Во текот на патувањето доколку учествувате во сообраќајна незгода потребно е да постапите согласно одредени правила па така:
- Не го поместувајте возилото, односно доколку претставува опасност по другите учесници во сообраќајот обележете го соодветно со триаголник или светлечки знак.
- Погрижете се за повредените лица (доколку има) не ги поместувајте, јавете се веднаш на брза помош, пожелно е пред влегување во земјата каде патувате да се информирате за итни броеви како брза помош, полиција и помош на пат .
- Повикајте полиција и побарајте полициски извештај – записник;
- Доколку сте во можност фотографирајте го местото на настанот и оштетените возила;
- Во случај на незгода со мала материјална штета пополнете Европски извештај за сообраќајната незгода кој е идентичен на сите јазици, може да ги пополнувате секој примерокот на својот јазик па потоа да ги пренесете податоците на еден примерок од Европскиот Извештај за сообраќајна незгода.
- Разменете копии од зелена карта, пожелно е да имате и копии од сообраќајна дозвола за возилото, возачка дозвола за лицето учесник во незгодата како и кратка изјава за околностите под кои настанала незгодата (сообраќајното дејствие кое е превземено како: вртење налево, возење наназад…)
- Потполнете ги потребните формулари (Европски извештај за сообраќајна незгода) и внимавајте на објективноста на истите – потпополнете во сите делови.
- Ако настане несреќа за која Вие не сте виновни, зелената карта не Ве штити Вас односно не ги покрива Вашите штети. Во тој случај, во зависност од тоа во која земја е настаната незгодата, надлежност за решавање на случената штета има земјата каде е случен настанот поради што е потребно да пријавите штета во Бирото за зелена карта во земјата во која се случила незгодата или да се обратите на наведените телефони во самата зелена карта.
- Во случај кога Вие сте одговорни за незгодата, односно кога истата е случена по Ваша вина,
еден примерок од зелената карта му давате на оштетениот или на полицијата која врши увид.
Веднаш по враќањето во Р. Македонија, задолжително треба да ја известите осигурителната компанија која го издала зелениот картон, со приложување на копија од пополнетиот Европски Извештај односно Полициски записник за увид на лице место како и Ваша писмена изјава (во која објективно ќе го опишете начинот на кој дошло до незгодата). Само на таков начин компанијата ќе може да Ве заштити од барањата за надомест на штети насочени против Вас и истите да ги исплати во Ваше име.
Македонските осигурителните компании имаат склучено коресподентски договори со други осигурителни компании надвор од Македонија, па во таа насока доколку имате потреба може да ја контактирате својата осигурителна компанија да Ве упати кај коресподент кој ќе Ви помогне во справувањето со несреќниот случај.
Реципрочно во случај да имате сообраќајна незгода со странско возило на територијата на Македонија може да се обратите до Националното биро за осигурување за проверка на коресподент на компанијата каде што е осигурано странското возило, со осигурителна компанија во Македонија.
Во ваков случај доколку постои коресподентски договор, барањето за надомест се поднесува до коресподентот во Македонија и постапката за надомест е согласно позитивно правните прописи на нашата земја.
