На 17.09.2020 година објавен во Службен весник на РС Македонија број 224/2020 е нов Правилник за минимални барања за прием, обработка, резервација и исплата на барање за надомест на штета и/или осигурен износ во функција на подобра заштита на правата на осигурениците од Агенција за Супервизија на осигурувањето. Примената на правилникот е од 01.01.2021 година.
Целта на Правилникот е да се олесни постапката за надомест на штета. Главниот акцент е ставен на роковите за постапување на Друштвата за осигурување. Односно унифицирање на постапката за обработка на барањата за надомест и потребната документација за остварување на правото од осигуран случај.
Во насока на унифицирање на постапката за надомест, Друштвото за осигурување е должно во интерен акт да пропише детална Листа на потребна документација за барањето за надомест на штета да биде обработено и исплатено, по класи на осигурување и рокови за постапување на друштвото во процесот на обработка на штетата, како и обрасци/формулари за поднесување на барање за надомест на штети. Друштвото за осигурување е должно да ги објави на својата веб страница листата на потребна документација и обрасците/формуларите за поднесување на барање за надомест на штета по класи на осигурување.
Друштвото за осигурување е должно најдоцна во рок од 14 дена од денот на поднесување на барањето за надомест да провери дали кон барањето за надомест е доставена потребната документација (наведена во деталната листа на потребна документација) односно дали барањето за надомест е комплетно од аспект на документација која ја доставува оштетениот и да изврши извид (увид) и проценка на оштетувањата односно повредите.
Доколку барањето за надомест не е комплетно, друштвото за осигурување е должно во рокот од 14 дена по писмен или електронски пат да побара од оштетениот да го комплетира барањето, односно до друштвото за осигурување да ја достави потребната документација.
Извидот (увидот) на оштетувањата се врши во присуство на оштетениот, односно негов полномошник, освен во случај на проценка на повреди (нематеријални штети), кои може да се утврдат врз основа на документација и без присуство на оштетениот.
По извршениот извид (увид), проценителот е должен да состави записник на пропишан и испечатен образец, односно наод/мислење кој ги содржи сите податоци кои се утврдени во текот на проценката. Записникот за проценка на материјалните штети задолжително го потпишува оштетениот или негов полномошник и проценителот.
Доколку оштетениот не сака или не може да присуствува на наведениот извид (увидот), односно не сака да го потпише записникот за проценка, проценителог е должен тоа да го констатира во записникот.
Претходно со Законот за изменување и дополнување на Законот за Задолжително осигурување во сообраќајот Службен весник на РС Македонија број 220/19 е направена промена во член 5 став 2 “Одговорното Друштво за осигурување е должно во рок од 60 дена од поднесување на барањето за надомест до оштетеното лице да достави:
– Образложена понуда за надоместок на штета или
– образложен одговор на барањето за надоместок на штета“
По приемот на образложената понуда за надомест на штета оштетеното лице потребно е да се произнесе во однос на дадената понуда со писмено известување до Друштвото за осигурување во рок од 30 дена.
Со Правилникот дополнително се уредува начинот на известување по обработка на барањето за надомест. Конкретно во член 3 точка 9 “По извршената обработка на барањето за надомест на, друштвото е должно најдоцна во рок од 60 дена од приемот на барањето за надомест до оштетниот да достави:
– Образложена понуда за надомест на штета доколку обврската на друштвото за осигурување и висината за надомест не се спорни.
– Образложен одговор по однос на сите точки на барањето за надомест, доколку обврската на друштвото за осигурување е спорна.
– Образложен одговор по однос на сите точки на барањето за надомест, доколку висината на штетата е спорна.“
Понатаму со Правилникот таксативно се наведени сите податоци кои е потребно да ги содржи образложената понуда односно одговор.
Агенцијата за Супервизија на осигурувањето со овој Правилник целосно го регулира начинот на постапување на Друштвата за осигурување во поглед на на остварување на правата на осигурениците од осигурен случај.
Со оглед на обемот на Правилникот, во наредни текстови ќе дадеме поединечен осврт на постапката за пријава, процена и ликвидација на штети со конкретни примери од осигуреници за остварување на своето право.
Вашите забелешки, коментари и искуства доставете ги на contact@osigurenik.mk
