Лекарска грешка и надомест на штета

штети

Од постоењето на човекот постои медицината во различни облици, првично во форма на самолекување со употреба на различни помагала за потоа да добие форма на институција со точно утврдени правила на постапување за секој даден случај.

Иако секој ден има информација за одреден напредок во делот на медицината, сепак сведоци сме на информации за погрешно постапување во третманот на пациенти.

Статистички гледано од илјадници прегледи и интервенции годишно бројот на пропусти во поставување на дијагнозата или лекувањето се во незначителен процент, но поради сензитивноста на темата, посебно што се работи за здравјето на пациентите оваа тема секако предизвикува големо внимание.

Темата на овој текст е лекарска грешка. Имено потребно е да се прави разлика помеѓу лекарска грешка и несреќен случај. Често пати луѓето сакаат да обвинат некој друг за тоа што им се случува без да посочат одредени факти или докази па за секоја ситуација која ќе им се случи, а е поврзана со дијагностицирање на одредена здравствена состојба или лекување знаат да посочат за виновен одреден здравствен работник. Па во таа насока за разлика од лекарската грешка, несреќните случаи не се израз на непрописно лекување и не повлекуваат одговорност на здравствените работници.

Поимот лекарска грешка германскиот патолог и политичар Рудолф Вирхов ја дефинира како “кршење општо признати правила на вештината за лекување поради недостиг на должно внимание.“

На оваа дефиниција би се надоврзал со последиците од постапувањето без должно внимание како телесна повреда или смрт на некој пациент, предизвикана или наводно (за која се тврди дека е предизвикана) од грешка, пропуст или немарност-несовесност во професионалните услуги кои биле дадени или требало да бидат дадени од страна на клиниката или нејзините квалификувани вработени лица.

Во конкретен случај здравствениот работник на пациент со скршеница на нога извршил интервенција наместување на скршеницата и поставил имобилизација со гипс со што постапил согласно правилата за санирање и третман на ваков вид повреда.

Во периодот што следел по поставувањето на имобилизацијата пациентот продолжил да чувствува силни болки и покачил телесна температура, здравствениот работник не оставил прозорче со цел следење на состојбата, не го извадил гипсот по реакција на пациентот што довело до ампутација на потколеницата од десната нога.

Од изнесениот пример може да се заклучи дека здравствениот работник применил очигледно неподобен начин на лекување поради што дошло до влошување на здравствената состојба на пациентот, со последица ампутација на потколеницата.

Кривичниот законик во делот за несовесно лекување утврдил во член 207 став 1 “Лекар кој при укажување лекарска помош ќе примени очигледно неподобно средство или начин на лекување или нема да примени соодветни хигиенски мерки или воопшто несовесно постапува и со тоа ќе предизвика влошување на здравствената состојба на некое лице, ќе се казни со парична казна или со затвор до три години“ .

Согласно Законот за Облигационите односи член 141 став 1 “Тој што со вина ќе му причини штета на друг, должен е да ја надомести“ во однос на вината утврдено е дека Вина постои кога штетникот причинил штета со намера или со невнимание (крајно, обично или друг степен на невнимание предвиден со закон).

Надоместот на штета се бара од институцијата каде е извршено лекувањето што е утврдено со Законот за Облигационите односи член 157 став 1 “За штета што работникот во работата или во врска со работата ќе му ја причини на трето лице одговара работодавецот кај кој работел работникот во моментот на причинување на штетата, освен ако докаже дека работникот во дадените околности постапил онака како што требало.“ и член 174 став 1 и 2 од истиот закон “Одговорното лице е должно да ја воспостави состојбата што била пред да настане штетата. Доколку воспоставувањето на поранешната состојба не ја отстранува штетата наполно, одговорното лице е должно за остатокот на штетата да даде надомест во пари. “

 Во однос на трошоците за лекување во делот за надомест на штетата во случај на телесна повреда или нарушување на здравјето Законот за Облигационите односи во член 184 став 1 утврдил “Тој што на друг ќе му нанесе телесна повреда или ќе му го наруши здравјето, должен е да му ги надомести трошоците околу лекувањето и другите потребни трошоци во врска со тоа, како и заработката загубена поради неспособноста за работа за време на лекувањето“

Со оглед дека во конкретниот случај му се повредени лични права на пациентот, има право на надомест на штета.

Од страна на Здравствените установи се склучуваат договори за осигурување на здравствени работници од одговорност за лекарска грешка. Оштетениот има право да поднесе барање за надомест на штета директно до установата каде е извршено лекувањето или до Осигурителната компанија со која е склучен договор за осигурување од одговорност.

Препорака е барањето да се поднесе директно до Здравствената установа со оглед дека сумите на осигурување наведени во полисите за осигурување од одговорност се ограничени во одреден агрегат по штетен настан.

Дополнително пожелно е со барањето за надомест да се поднесе и изготвено Медицинско вештачење од вешто лице од областа во која е извршено лекувањето и повредата.

Судската пракса е различна во однос на поднесените барања за надомест, во тој контекст треба да се прави разлика помеѓу основот на Вашето барање а тоа подразбира одговорност на здравствениот работник и висината за надомест која зависи од повеќе фактори меѓу кои дали се работи за телесна повреда, губиток на орган, животно-загрозувачка повреда, дали е оставена видлива лузна како и дали има траен инвалидитет.

Постои и вонсудска пракса за исплатени штети по основ на лекарска грешка но таа е многу помалку застапена поради фактот дека не може да се утврди одговорноста од една страна и ставот во однос на висината за надомест со оглед дека кога Ви е повредено лично право секоја сума е ниска додека кога Осигурителната компанија или Здравствената установа треба да исплати надомест на штета секоја сума е висока.

Овој текст е само вовед за наредните текстови на оваа тема, за таа цел Ве повикуваме да ги споделите Вашите мислења, искуство и прашања на нашата електронска адреса contact@osigurenik.mk.

fb-share-icon

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *