Во контекст на денешното врнежливо време убаво е да се има информација во кои случаи Ви следи надомест на штета доколку поседувате соодветна полиса за осигурување на Вашиот имот.
Имено Осигурителните компании нудат Осигурување од пожар и некои други опасности меѓу кои и опасност од поплава, порој и високи води. Оваа опасност како ризик е најчесто дополнителен и за него е потребно дополнителна доплата односно не следува со основната полиса за осигурување од пожар и некои други опасности.
Под поплава во смисла на условите за осигурување на Осигурителните компании се смета стихиско неочекувано плавење на терен од постојани води (реки, езера…) заради што водата се излива од коритото или го провалила одбрамбениот насип односно брана. Излевање на вода поради вонредна висока плима и од брановите на езера со необична јачина и од надоѓање на вода од вештачки езера.
Поплава се смета и неочекувано плавење на терен поради нагло образување на големо количество водна маса која настанала како последица на провала на облак (пороен дожд).
Вакво плавење на терен имаше во Скопје во месец август 2016 година кога покрај големите материјални штети имаше и човечки жртви.
Под порој се смета стихиско неочекувано плавење на терен со водна маса што се образува на низбрдни терени поради силни атмосферски врнежи и се слива низ улици и патишта.
Ваков Вид на штета може да очекуваат особено оние жители на места во ридско планинските области, повторно би се надоврзал со поплавите од 2016 година во Скопје кога во ваквите места особено во делот на наслено место Стајковци водата слевајќи се низ улиците носеше се пред себе без оглед на обемот на предметите кои и се наоѓаа на патот.
Со осигурувањето од поплава се опфатени само штети предизвикани на осигурени ствари за време додека поплавата трае и непосредно по повлекување на водата.
Многу често поголема штета може да настане по повлекување на водата особено кога со себе носи голема количина на кал кој се таложи на површините со кои ќе дојде во контакт.
Согласно условите на Осигурителните компании со осигурувањето не се опфатени штети на цевководи, канали и тунели од внатрешна страна предизвикани од механичкото дејство на водата. Штети од габички поради влага, штети од слегнување на теренот како последица на поплава и порои. Штети од подземна вода во ископи, подземни ходници и јами во рудниците, од плавење од вода излезена од канализационата мрежа освен ако до излевањето дошло поради поплава и порој. Штети на ствари сместени во живи и суви корита на потоци и реки, како и на простор помеѓу потоци односно реки и насипи. Штети на хидроскопни залихи кои не се ускладиштени на палети високи најмалку 10сантиметри или пропишан начин ова особено се однесува на магацините на компаниите кои складираат роба. Со осигурувањето не се опфатени ниту штети на хидроградежни објекти поради подлокување на надворешните страни, а на канали, тунели и цевководи штетите од притисокот предизвикан од поплава.
Со осигурувањето не се опфатени штети од висока вода на хидроградежни објекти, под висока вода во смисла на условите за осигурување на осигурителните компании се смета исклучива појава на невообичаен пораст на водостојот и подземна вода како последица од висока вода. Обврската на осигурувачот за штети од висока вода и подземна вода како нејзина последица почнува со порастот на високата вода над однапред утврдените месечни коти на водостојот или протекот измерен спрема најблискиот поставен покажувач на водостојот. За секој одделен месец нормлен е оној највисок месечен водостој за последните 20 години што го покажува покажувачот на водостојот најблизок до осигурените ствари со исклучок на особено високите водостои.
Она што за Вас е важно е дека во случај на навлегување на вода во Вашиот дом или објект а се исполнети условите од ризикот поплава, порој и високи води Ви следува надомест за сите осигурани ствари и градеж на кои е настаната штета.
Како што можевте и да прочитате не сите ситуации се опфатени со осигурување, од друга страна убаво е да се знае кога сте заштитени во однос на надомест на штета.
Имајте убав ден и покрај дождливото време, Вашите искуства, коментари и забелешки доставете ги на contact@osigurenik.mk
