Во врска со случениот пожар во ТЦ “Глобал“ во Струмица изнесени во јавноста беа многу информации. Голем дел од информациите се шпекулативни во форма на претпоставки.
Во однос на утврдување на последиците кои ги оставил зад себе пожарот потребно е време, во однос на штетата која ја причинил потребна е соодветна проценка врз основа на извид на лице место и проверка на целата документација особено во делот на залихи.
Трчањето на високи функционери со изјави дека штетата ќе се надомести со донации и помош од државата е коректна, но погрешна. Од причина што се поткопува довербата во осигурителните компании со оглед дека ова не е елементарна непогода туку несреќен случај. Од кој секој можел соодветно да се заштити со полиса за осигурување.
Согласно условите за осигурувањето од пожар на осигурителните компании, под пожар се смета оган појавен надвор од определено огниште или оган кој го напуштил ова место и е способен понатаму да се развива со својата сопствена сила.
Во однос на вредноста на градежниот објект се зема вредноста на објектот односно цената на чинење, доколку во времето и местото на одредување на вредноста (проценката) таков ист објект одново би се градел. Вредноста е одредена според вистинските цени на материјалите во моментот и местото на проценка со вклучен транспорт до градилиштето, со просечен норма час на работната рака за истиот период и место, со одреден просечен коефициент (фактор) на работната рака кој ги претставува режиските трошоци и трошоците на непродуктивните учесници на изведувачот на објектот во период и местото на одредување на вредноста, намалена за износот на проценетата амортизирана вредност.
За залихи на стока, материјал и суровина за вредност се зема набавната цена а ако пазарната цена е пониска од набавната тогаш пазарната цена.
За залихи на готови производи и недовршени производи кај производителот, се зема за вредност производната цена, а ако пазарната цена е пониска од производната, пазарната цена.
За машини, уреди и инсталации, транспортни средства и средства за врска и инвертар за вредност се зема набавната цена на нови ствари намалена за износот на проценетото амортизирање (техничко и економско).
Ако осигурените ствари се потполно уништени, а осигуреникот не може да ја докаже нивната вредност, осигурителните компании се во обврска да надоместат 50% од набавната вредност на нови ствари.
Во случај на делумно оштетување на стварите надоместот е во висина на трошоците за поправка според цената на материјалите и работната рака во време на настанување на осигурениот случај, намалени за износот на проценетото амортизирање и за вредноста на остатокот.
За да се утврди правото на надомест на оние што имаат осигурување од пожар и некои други опасности потребна е цела постапка на утврдување на висината на надоместот како и постапка за утврдување на основот на поднесеното барање.
Во секој случај извлечете поука и контактирајте го Вашиот агент за осигурување (без разлика на осигурителната компанија) за да се заштитите Вие и Вашиот бизнис.
Вашите искуства, коментари и забелешки доставете ги на contact@osigurenik.mk
